По осми пат, учениците и студентите во Атина одржаа протест против предлог- законот за отворање приватни факултети, а паралелно пред грчкиот Парламент одново ги испишаа имињата на загинатите во железничката несреќа кај Темпи, откако во текот на ноќта плоштадот беше исчистен, а со тоа избришани и имињата што со црвена боја беа напишани за време на вчерашниот протест по повод годишнината од трагедијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот протест не беше толку масовен како претходните седум, а студентите, како и секој четврток, побараа од Владата да го повлече предлог-законот за отворање приватни факултети, кој веќе е доставен во Парламентот и се очекува следниот петок да биде ставен на гласање пред пратениците.

Протестите на студентите започнаа на почетокот на јануари откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции и веќе речиси два месеци се одржуваат секој четврток.

Недржавните и непрофитни универзитети се очекува од септември 2025 година да почнат со работа во земјата, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2024 03:59