Неколку косовски граѓански организации денеска поднесоа тужба до Основниот суд во Приштина против Собранието на Косово и пратеничката Лабинота Деми-Муртези, обвинувајќи ги за „повреда на достоинството, нехумано или понижувачко постапување и дискриминација на ЛГБТИК+ лицата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Потписници на тужбата се организациите Младинска иницијатива за човекови права - Косово (ЈИХР КС), Центар за еднаквост и слобода (ЦЕЛ Косово), Центар за развој на социјални групи (ЦСГД), Косовски центар за родови студии (ЌКСЃ) и Бранители на граѓански права.

Повод за тужбата е собраниската седница од 16 март 2022 година, на која пратеничката Деми-Муртези рече дека „ЛГБТИК+ луѓето шират болести“.

Извршната директорка на ЈИХР, Маригона Шабиу, изјави за медиумите дека на спомената пленарна седница на Собранието, за време на дискусиите за нацрт-граѓанскиот законик, одредени пратеници ја злоупотребиле сосбраниската говорница за да ја демонизираат ЛГБТИК+ заедницата.

Според неа, тоа никако не е во служба ниту на остварувањето на пратеничкиот мандат ниту на вршењето на законодавната функција на Собранието.

– Ниту пратениците го имаат тоа право ниту институцијата Собрание треба да дозволи и толерира такво нешто. Како што нагласивме во тужбата и жалбата, и Уставниот суд во една своја одлука појасни дека пратениците имаат привилегирана положба во вршењето на својата претставничка функција, но нивниот имунитет и привилегии се протегаат до степен до кој нивното дејствување и одлуките се преземаат во рамки на нивното поле на делување и надлежностите, рече Шабиу

Таа додаде дека претседавачот на пленарната седница на Собранието не презел ништо за да се оневозможи или санкционира таквиот јазик, како што предвидува собранискиот деловник.

- Таквите изјави на пратеничката Деми-Муртези и некои други пратеници, како и нивното толерирање од страна на Собранието, го нарушија достоинството на ЛГБТИК+ лицата, како и делуваа понижувачки и дискриминаторски врз нив, рече Шабиу.

Таа информира дека ќе поднесат претставка и до институцијата Народен правобранител поради „повреда на достоинството и дискриминација на ЛГБТИК+ лицата на пленарната седница на Собранието на Република Косово од 16 март 2022 година“.

Пратеничката Деми-Муртези, заедно со уште неколку пратеници се изјасни против нацрт-граѓанскиот законик, кој не беше усвоен во март 2022 година, а како причина за тоа беше наведена втората точка од членот 1138, кој ги дозволува истополовите бракови.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2024 00:51