Мирослав Алексиќ, претседател на Народното движење на Србија (НПС) и коалиционен партнер на „Србија против насилството“ (СПН), денеска изјави дека очекува на претстојните локални избори опозициската коалиција на СПН да настапи во истиот формат како и на декемвриските избори, јави дописникот на МИА од Белград.

Алексиќ за весникот Нова изјави дека во месните комитети на партиите кои ја сочинуваат оваа коалиција веќе се разговара за заеднички кандидати за градоначалници на Ниш и Нови Сад, како и на Белград.

На прашањето дали очекува ЕУ да испрати меѓународни истражувачи во Србија по извештајот на ОДИХР за декемвриските избори во Србија, Алексиќ рече дека се надева дека тоа ќе се случи наскоро.

-По долгоочекуваниот извештај на ОДИХР, кој несомнено ги потврди сите наводи за изборна кражба и нерегуларности за кои зборувавме ние како опозиција и мониторинг мисијата на невладината ЦРТА и на Европскиот парламент, очекувам дека независната меѓународна истрага ќе се случи во накраток рок. Србија како земја која се стреми кон членство во ЕУ и која се наоѓа во срцето на Европа, не може да биде пуст остров на кој наместо демократија важат правилата на диктаторот, посочи Алексиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2024 04:16