Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на средба во Анталија, во рамки на Дипломатскиот форум, оценија дека е важно да се продолжи со продлабочување на политичките, економските и другите врски меѓу двете земји.
„Му изразив благодарност на Ердоган за севкупната помош за државата Босна и Херцеговина. Особено истакнав дека е важно нашата земја што поскоро да се приклучи на НАТО алијансата и да биде во овој сојуз заедно со Турција, рече Денис Беќировиќ, бошњачки член на Претседателството, по средбата.
Тој нагласи дека пораките на Ердоган се охрабрувачки за сите граѓани и народи на БиХ, особено неговите зборови дека во БиХ треба да се работи на консолидирање на мирот и стабилноста, на економските проекти и на зајакнувањето на државните институции.
Беќировиќ истакна дека тој како член на Претседателството на Босна и Херцеговина ќе направи се што е во негова моќ сеопфатната и пријателска соработка меѓу Босна и Херцеговина и Турција во наредниот период да биде посилна и подобра.