Во албанскиот град Кучово денеска ќе биде отворена воздухопловна база на НАТО.

Премиерот на Албанија Еди Рама, со објава на својата официјална страница на „Фејсбук“ сподели видео од моментот на склопување на беспилотните летала „Бајрактар“ кои, како што вели, ќе го направат првиот лет на церемонијата на отворање на воздухопловната база.

-Добро утро и со неколку моменти од склопувањето на беспилотните летала Бајрактар, кои ќе го направат својот прв лет на свеченото отворање на новата воздухопловна база на НАТО денеска во Кучово, ви посакувам добра недела, пишува Рама.

Веста за отворањето на воздухопловната база на НАТО во Кучово, што е прва на Западен Балкан, ја соопшти американскиот државен секретар Антони Блинкен при неговата посета на Албанија на 15 февруари.

На инаугурација ќе учествуваат и највисоките претставници на албанската држава, претседателот, премиерот, претседателот на Собранието, како и претставници на НАТО алијансата. За време на церемонијата ќе има воздушен спектакл на летање на авиони.

Работите за трансформација на базата на НАТО во Кучово започнаа во јануари 2022 година. Инвестицијата е вредна околу 50 милиони евра и опфаќа реконструкција на магацини за оружје, бензински пумпи, магацини за оружје, паркинг за авиони, станица против несреќи и пожари, реконструкцијата на пистата и кулата.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2024 10:57