Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани денеска ја коментираше реакцијата на Грција по вчерашната пресуда на реизбраниот градоначалник на општина Химара, Фреди Белери.
- Албанија ќе продолжи максимално да ги почитува одлуките на судовите, ќе продолжи да ја поддржува работата за реформите во правдата и ќе продолжи да ги спроведува сите задачи што ги имаме за патот кон ЕУ, сè друго е непотребен коментар, изјавил Хасани.
Според албанската телевизија „Ора њуз“, вчера доцна попладне грчкото МНР во реакцијата наведува дека „казната за да не може да излезе од затвор го спречува избраниот градоначалник Белери да ја преземе функцијата и го задржува поразениот кандидат на чело на општината и покрај јасната судска одлука од пред повеќе месеци за негово отповикување од функцијата“.
- Селективната примена на судските одлуки не е во согласност со принципите на владеењето на правото. Грчката Влада будно ќе го следи случајот и очекува фер и објективна одлука од второстепениот суд, се додава во во соопштението.
Специјалниот суд против организиран криминал и корупција во Тирана, на Белери вчера му изрече казна затвор во траење од две години. Тој беше уапсен на 12 мај минатата година, два дена пред локалните избори, под обвинение за „купување гласови“, но иако беше во притвор беше реизбран за градоначалник на Химара.