Словенечкиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП), Матјаж Немец, е назначен за известувач на Советот на ЕП за укинување на визите за граѓаните на Косово кои поседуваат пасоши издадени од Србија, јави Радио Слободна Европа (РЕЛ) на албански јазик.
Европратеникот Немец преку социјалните мрежи го потврди именувањето и рече дека очекува брза одлука за укинување на визите за косовските Срби, кои имаат пасоши издадени од српските власти.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, граѓаните на Косово кои поседуваат пасоши на Република Косово од 1 јануари годинава можат да патуваат без визи во земјите од Шенген-зоната.
Меѓутоа, од оваа одлука се исклучени оние граѓани кои поседуваат пасоши издадени од Координативното тело, кое функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија. Тие беа исклучени и кога, во декември 2009 година, беа укинати визите за граѓаните на Србија.
Со одлуката за укинување на визите за Косово, граѓаните кои имаат само српски пасоши во оваа држава остануваат единствените во Западен Балкан кои не уживаат безвизен режим со европските земји.
Во ноември 2023 година, Европската комисија предложи почеток на процедури за вклучување на граѓаните на Косово со пасоши од Србија во визна либерализација.
Владата на Косово се изјасни против тоа, велејќи дека е загрижена поради ваквиот предлог без претходна консултација или известување.
Официјална Приштина не ги признава српските пасоши на на српското Координативно тело, бидејќи смета дека се издадени од нелегална институција.
- Признавањето на овие документи ја поткопува интеграцијата на српската заедница, ги оштетува нашите долгорочни напори [за интеграција на Србите], напиша на 21 ноември вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими.
Тој исто така рече дека со косовски пасоши припадниците на српската заедница ќе можат слободно да се движат во Шенген-зоната.
Одлуката дали ќе се укинат или не визите ја носат Европскиот парламент и Советот на Европската унија.
ЕП ја завршува својата работа во април, бидејќи институцијата влегува во предизборна кампања за европските избори што ќе се одржат во јуни.
Останува нејасно дали ќе има доволно време да се испочитуваат сите процедури за одлуката да се донесе за време на актуелниот мандат на Европскиот парламент, пишува РСЕ.