Случајот Белери не е билатерално, туку европско прашање, бидејќи станува збор за примена на владеењето на правото и почитувањето на правата на грчкото малцинство, посочува, меѓу другото, резолуцијата што ја усвои Европската народна партија на Конгресот во Букурешт за владеењето на правото во Албанија во однос на градоначалникот на Химара, кој е осуден на двегодишна затворска казна, јави дописничката на МИА од Атина.
Вонредната резолуција е на иницијатива на грчката владејачка партија Нова демократија, а на пленарната седница на Конгресот ја презентираше секретарот за меѓународни односи и пратеник Тасос Хаѕивасилиу.
Во резолуцијата се споменува дека Фреди Белери по 10 месеци затвор, беше осуден на две години, без да се земе предвид признанието на главниот сведок во случајот, кој изјави дека бил платен од албанската полиција за лажно да го обвини Белери, нешто што, како што е нагласено во резолуцијата, никогаш не би се случило во ниту еден суд во земја од ЕУ.
Дополнително се нагласува дека Албанија, како земја кандидат за членство во Унијата, мора да ги почитува резултатите од изборите, да го заштити правото на граѓаните на правично судење и да ги заштити правата на грчкото малцинство.
Специјалниот суд против организиран криминал и корупција во Тирана, во вторникот му изрече казна затвор во траење од две години на Фреди Белери, кој беше уапсен два дена пред локалните избори минатата година за „купување гласови“.
Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека пресудата „ја зголемува загриженоста во однос на објективноста на процесот“, додавајќи дека „селективната примена на судските одлуки и однапред одредените судските пресуди не се во согласност со принципите на владеењето на правото“.