Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер ја осуди средбата на амбасадорот на Србија во Вашингтон, Марко Ѓуриќ со поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во Бањска, во северно Косово, во кој загинаа еден косовски полицаец и тројца од напаѓачите Срби.
Во денешната изјава за порталотот „Газета експрес“, по објавувањето на социјалните мрежи, а потоа и во медиумите, на фотографија од средбата на Ѓуриќ со Радоичиќ, по кого е распишана меѓународна потерница од Интерпол, Ховениер нагласи дека ставот на Вашингтон во однос на Радоичиќ е непроменет и потсети дека тој е под санкции на американската влада поради неговите криминални активности.
– Ние сме запознаени со медиумските извештаи за наводната средба, ставот на САД за Радоичиќ е познат. Радоичиќ е под санкции на американската Влада поради вмешаност во корупција и транснационален организиран криминал, изјави Ховениер.
Тој го повтори барањето на официјален Вашингтон до властите во Србија да ги изведат пред правда одговорните за нападот во Бањска.
- Како што рекоа високи функционери на американската Влада: Србија мора да ги повика на одговорност оние кои се вклучени во нападот извршен од паравоените сили на етничките Срби во Бањска, што резултира со трагичната смрт на наредникот на косовската полиција, се наведува во изјавата на американскиот дипломат за „Експрес“.
За САД, порача Ховениер, е јасно дека Радоичиќ е „криминалец кој мора да одговара“.
- Одговорноста за нападот во Бањска (Радоичиќ) ја презеде преку своите адвокати. Тој е криминалец кој мора да одговара, изјави Ховениер.
Актуелниот амбасадор на Србија во САД, Марко Ѓуриќ се споменува како кандидат за формирање на новата влада на Србија по тамошните избори, особено по информациите од официјални извори дека досегашната премиерка, Ана Брнабиќ нема да ја води идната влада.
Радоичиќ, кој призна дека е одговорен за нападот во Бањска, кој властите во Приштина, но и ЕУ и САД го оквалификуваа како терористички, беше приведен од српската полиција по нападот на 24 септември, но по неколку дена Вишиот суд во Белград објави дека го ослободил од притвор еден ден по распитот.
Ѓуриќ се огласи со потврда на средбата и рече дека тоа ниту го крие, ниту се срами и дека тоа е поврзано со „работата што ја работи“, додека објавувањето на фотографијата, според него, е поврзано со неговото враќање во политиката во Србија.