Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас денеска ја посети фрегатата „Идра“ на грчката воена морнарица што ќе учествува во европската операција „Аспидес“ („Штитови“) во Црвеното море, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, Дендиас е придружуван од началникот на Генералштабот на армијата Димитрис Хоупис и началникот на морнарицата Димитриос Елефтериос Катара, а посета се одвивала во строга тајност.

„Катимерини“ пишува дека министерот и началниците стигнале во Џибути со владиниот авион, а оттаму со хеликоптер биле пренесени на фрегатата, која денеска се очекува да се вклучи во европската операција.

Пред две седмици фрегата „Идра“ отплови од поморската станица Саламина кон Црвеното море, откако претходно на состанокот на владиниот совет за национална безбедност со кој претседаваше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше одобрено учеството на Грција во операцијата „Аспидес“ за заштита на слободната пловидба во регионот на Црвеното Море.

На само неколку часа пред да го започне патувањето кон Црвеното море, Дендиас ја посети фрегатата и истакна дека учеството на „Идра“ во европската операција, „заедно со преземањето на командата на оперативниот штаб од страна на Грција со грчки командант, пред сè им служи на нашите национални интереси“ и откри дека има намера да ги посети во Црвеното море, нешто што го стори денеска.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2024 14:18