Албанскиот премиер Еди Рама по првпат реагираше откако на Фреди Белери, припадник на грчкото малцинство, судот му изрече казна затвор во траење од две години, на што остро реагираше грчкото Министерство за надворешни работи.

-Тоа е работа што и припаѓа на правдата. Најдобро е албанскиот правосуден систем да остане независен за сите прашања внатре и надвор од Албанија. Господинот е државјанин на Албанија и законот е еднаков за сите. Што се однесува до можноста за организирање нови избори, треба да се почека одлуката на Специјалниот апелациски суд против организиран криминал и корупција. Нови избори не распишува премиерот, туку шефот на државата, изјави Рама, јавија медиумите.

Специјалниот суд против организиран криминал и корупција во Тирана, на Белери на 5 месецов му изрече казна затвор во траење од две години. Тој беше уапсен на 12 мај минатата година, два дена пред локалните избори, под обвинение за „купување гласови“, но иако беше во притвор беше реизбран за градоначалник на Химара.

Веднаш се огласи грчкото МНР наведувајќи дека „селективната примена на судските одлуки не е во согласност со принципите на владеењето на правото“. Исто така порача дека „грчката влада будно ќе го следи случајот и очекува фер и објективна одлука од второстепениот суд“.

На тоа реагираше албанскиот министер за Европа и надворешни работи. Игли Хасани, порачувајќи дека „Албанија ќе продолжи максимално да ги почитува одлуките на судовите, ќе продолжи да ја поддржува работата за реформите во правдата и ќе продолжи да ги спроведува сите задачи што ги има за патот кон ЕУ“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2024 14:34