Во морскиот југоисточeн дел од Кипар, вчера биле откриени шест чамци и спасени вкупно 458 мигранти, од кои двајца биле уапсени под сомнение дека се криумчари, а останатите биле пренесени во прифатниот центар за бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарската новинска агенција објави дека чамците биле забележани на радарите на крајбрежната и поморската полиција, по што интервенирале и безбедно ги пренеле мигрантите на копно.
Спасените, според истите информации, рекле дека шесте чамци тргнале од Либан, а мигрантите на непознато лице му платиле по три илјади долари.
Врз основа на исказите на мигрантите, две лица, 31-годишен маж од Либан и 23-годишен маж од Сирија, кои биле во еден од чамците се уапсени и ќе бидат изведени пред надлежниот суд.
Според информациите во медиумите од Кипар, во едниот чамец имало 30 лица, во вториот 24, во третиот 62, во четвртиот 37, во петтиот 22, а во шестиот 283 бегалци и мигранти, додека пак од вкупно 458 лица, над 150 се деца, од кои 33 без придружба.