Владејачките социјалисти и опозициските демократи, приврзаници на Сали Бериша, постигнаа договор, кој се очекува да се стави крај на хаосот во законодавниот дом, што го создаваа демократите од октомври минатата година.

На средбата на координаторите и дел од пратеничките групи, со претседателката на парламентот Линдита Никола, социјалистите се согласиле со барањето на опозицијата да се формираат две анкетни комисии, за испитување на концесиските договори во здравството и за незаконската интервенција во ТИМС системот.

Опозициските пратеници кои го поддржуваат поранешниот премиер Сали Бериша се согласиле се повлечат од актите на граѓанска непослушност во Собранието.

Опозициската Демократска партија има 55 пратеници, поголемиот број или 47 се со Бериша, додека 8 со официјланиот партиски лидер Љуљзим Баша, кои не учествува во нередите во собраниската сала.

Веста за враќање на, како што ја нарекуваат нормалноста во Парламентот ја поздравија американската амбасада и Делегацијата на ЕУ во Тирана, оценувајќи дека е од „суштинско значење за да се олесни патот на Албанија кон членството во ЕУ, што е стратешка цел на земјата“ и оти „фукционалните институции се основа за секоја демократија“.

Претходно претставниците на ЕУ и на САД, побараа од албанските политичари преку дијалог да ја надминат ситуацијата во Парламентот, порачувајќи им дека тој „треба да биде во служба на граѓаните а не на политичарите“ и оти очекуваат „функционален парламент што поскоро“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2024 00:18