Комитетот за национална безбедност на британскиот Парламент денеска го предупреди премиерот Риши Сунак за опасноста од странско мешање преку кибер напади или кампањи за дезинформации пред парламентарните избори на 4 јули и повика на мерки за заштита.

Маргарет Бекет, претседателката на тој комитет, во објавеното писмо споменува обиди за мешање на Кина, Русија, Иран и Северна Кореја.

Таа потсети на заклучоците на безбедносните служби, кои оценија дека е „речиси сигурно“ дека Русија во 2019 година се обидела да влијае на парламентарните избори и дека Кина се обидува да влијае на изборите во светот.

„Сметаме дека Велика Британија мора да биде подготвена за можност од странско мешање за време на парламентарните избори на 4 јули“, напиша Бекет и ја повика Владата да ги собере политичките партии, безбедносните служби и одговорните за организацијата на изборите за да се усвојат мерки за заштита.

Некои експерти сметаат дека пред британските парламентарни избори и американските претседателски избори во ноември, ризикот е особено висок поради развојот на вештачката интелигенција и дезинформациите.

Бекет, министерка за надворешни работи во време на лабуристичката влада на Тони Блер, смета дека мешањето може да биде во форма на кибер напади, уцени, онлајн дезинформации, „длабоки фалсификати“ и обиди да се продлабочат поделбите околу контроверзните теми.

Таа препорача подобра обука на заедницата за да се идентификуваат дезинформациите и да се обезбеди безбедноста на службениците.

Во Велика Британија во последните недели имаше неколку случаи на шпионажа во кои биле вклучени Кина или Русија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2024 04:09