Возачот на Ред Бул и актуелен светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен е задоволен од второто место во квалификациите за Големата награда на Канада.
- Мислам дека генерално имавме добра квалификациска сесија. Целиот викенд ни беше малку тежок, но јас ќе тргнам од втората позиција. Пред квалификациите дефинитивно би се согласил со ова. Фактот што конкуренцијата е толку блиска ја прави интересна главната трка. Во Монако се чувствував добро, но тоа не беше наша патека. Мислам дека овде ќе биде многу интересна трка, имајќи ги предвид гумите и како тие се однесуваат. И времето - понекогаш врне дожд, понекогаш не, изјави Верстапен за „Sky Sports“.
Пол-позицијата ја освои возачот на Мерцедес Џорџ Расел, а трет беше Ландо Норис од Мекларен.
Трката од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Канада ќе се вози вечер со почеток во 20 часот по македонско време.