Најмногу срцеви удари се бележат во утринските часови, особено во последната, тн. РЕМ-фаза на спиењето, според научниците од Харвард. РЕМ-спиењето, т.е. „рапидно мрдање на очите“, е фазата во којашто двете очи синхронизирано и брзо се движат при што активноста на автономниот нервен систем е нерегулиран и забрзан.

Новите сознанија и податоци покажуваат дека 40 отсто од сите срцеви удари воопшто се случуваат меѓу шест часот наутро и пладнето, а првите три часа по будењето ризикот од срцев удар е тројно зголемен. Научниците тоа го објаснуваат со присуството на голем број фактори поврзани со зголемената активност на автономниот нервен систем коишто доведуваат до стегање на крвните садови и зголемено трошење кислород во телото во утринските часови, што предизвикува и намалено снабдување на срцето со кислород.

Исто така, наутро се зголемуваат и опасностите за појава на згрутчување на крвта, што дополнително ја отежнува циркулацијата и може да го зголеми ризикот од мозочен удар, пишува „Стетоскоп“ (Stethoscope).

Сите овие фактори не претставуваат голема закана за здравите луѓе, но може да бидат ризични за луѓето со атеросклероза.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2024 03:11