Локалната самоуправа на Кочани од буџетската сметка ќе издвои еден милион денари и ќе ги префрли на сметката на КЈП „Водовод“ за да набави морски алги за третирање на комуналната депонијата кај селото Бели.
Тоа е еден од заклучоците по расправата на денешната седница на Советот на Општината, а што по барање на неколкумина советници беше вметнато како приоритетна точка на дневниот ред.
Во образложението на барањето беше нагласено дека состојбата е алармантна и премногу долго се чека на решение, додека загадувањето на воздухот што го предизвикува чадот од запалениот отпад го загрозува здравјето на сите граѓани.
Градоначалникот Љупчо Папазов нагласи дека комуналното претпријатие и Општината имаат ограничени ресурси за справување со проблемот што дополнително се усложнува поради доцнењето на проектот за изградба на регионалната депонија кај Свети Николе, а со кој отпадот од соседните општини веќе се донесува на депонијата кај Кочани.
-Една од слабостите што произлегува обврските што ги презедовме со проектот е што не е утврден надоместок за депонирање на отпадот од другите општини. Тоа е едно од прашањата што треба да се реши заради натамошното финансирање и справувањето со проблемот. Изградбата на регионалната депонија, како проект со европска поддршка, доцни 12 години и тоа ќе биде актуелно и за новата Влада. Во период од две години имавме две посети од евроамбасадорот при што едно од клучните прашања беше реализацијата на проектот за затворање на депониите. Не смееме да го прекинеме процесот затоа што е од голема важност и за Источниот и за Североисточниот регион, истакна градончалникот Папазов.
Чадењето и загадувањето на воздухот од запалената депонија кај Кочани неколку месеци се главна тема во локалната, но и во пошироката јавност, која бара брза реакција од надлежните. Комуналното претпријатие „Водовод“ се соочува со презадолженост од околу еден милион евра и не е во можност само да ги набави морските алги за третман на депонијата, поради што со помошта од општинскиот буџет привремено ќе ја намали неповолната еколошка состојба.