„Интензивните активности во изминатите неколку години за усогласување на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија создадоа основа за започнување на процесот за интеграција на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), пред да пристапиме во ЕУ. Во тој контекст, Народната банка во соработка со релевантните државни институции, на крајот на април оваа година поднесе барање до Европската комисија за неформална оцена на правната и функционалната еквивалентност на нашата регулатива со законодавството на Европската Унија. По добивањето и разрешувањето на евентуалните забелешки, барањето ќе биде и официјално поднесено до Европскиот совет за плаќања. Со пристапот до СЕПА, домашните банки ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски деловни банки, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјата“, истакна Игор Величковски, директор на Дирекцијата за платни системи во интервју за порталот „Независен.мк“.

Величковски истакна дека преку интеграцијата на земјава во СЕПА, граѓаните и фирмите ќе може на брз, безбеден и ефикасен начин да вршат безготовински плаќања во евра кон земјите членки на ЕУ, како и кон голем број земји коишто не се членки на ЕУ. Со пристапот кон СЕПА, ќе се намалат и трошоците за прекуграничните трансакции, што е особено значајно за дознаките коишто ги праќаат нашите граѓани од странство.

„Пристапот до СЕПА ќе им овозможи на домашните банки да бидат учесници во платните системи, преку кои се извршуваат плаќањата во евра во оваа област, што ќе овозможи побрз и поевтин пренос на парични средства имајќи предвид дека комплексните кореспондентни аранжмани ќе бидат избегнати. Со директен пристап до платните системи, домашните банки ќе можат да ги намалат своите трошоци за извршување на плаќањата во евра“, нагласи Величковски додавајќи дека предностите од пристапувањето во СЕПА се многу значајни за граѓаните и за компаниите имајќи предвид дека најголемиот број од прекуграничните плаќања се извршуваат во евра. Само за илустрација, минатата година преку банките во земјата, 87% од вкупните одливни прекугранични плаќања, односно 77% од вкупните приливни прекугранични плаќања се извршени во евра.

Инаку, СЕПА брои 36 земји членки, меѓу кои 27 земји членки на Европската Унија, четирите земји членки на Европската асоцијација за слободна трговија (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) и Обединетото Кралство, како и неколку други држави (Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан).

Народна банка на Република Северна Македонија



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2024 15:55