Извештајот за глобалните трендови на присилно раселување во светот 12 години по ред покажува дека оваа бројка расте. До декември 2023, државите изјавиле дека повеќе од 117 милиони лица биле присилно раселени. Ова значи дека 1,5 проценти од човештвото е принудено да ги напушти своите домови како последица на грубо кршење на човековите права, изјави за МИА Габриел Гуалано де Годој, претставник на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР.

Во интервјуто за МИА по повод Светскиот ден на бегалците, меѓународен ден организиран секоја година на 20 јуни од страна на Обединетите нации, Годој вели дека ова е тажен светски рекорд.

- Ова е светски, но и тажен рекорд. Го одбележуваме Светскиот ден на бегалците за да повикаме на посилно здружување за да пружиме заштита на бегалците низ светот, рече тој.

Главните причини за зголемувањето на бројката, според него, се конфликтите.

- Главни причини за тоа се конфликти, конфликти кои сè уште не се решени, стари конфликти кои се сè уште актуелни, како и нови конфликти кои се појавуваат. Tешко e да се адресираат главните причинители на војна како и немањето волја да се сподели одговорноста, тие се главните аспекти кои го отежнуваат тоа да нема повеќе бегалци, дополни тој.

Целото интервју со претставникот на УНХЦР, Габриел де Годој, во кое разговараме за волјата на меѓународната заедница да им помогне на бегалците, како и за состојбата со бегалците во Северна Македонија и потенцијалните решенија, ќе биде објавено утре, на Светскиот ден на бегалците



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2024 16:31