Раководството на Европската народна партија (ЕПП) е заинтересирано во својата Пратеничка група во Европскиот парламент да ги прими и тројцата европратеници на белгиската националистичка и конзервативна Нова фламанска алијанса (Н-ВА), која сега е дел од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), предводена од Браќата на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Според бриселските медиум, ваквиот интерес се должи на „развиеното силно партнерство“ во последните пет години меѓу ЕПП и претставниците на Н-ВА, која има нагласена антиимигрантската реторика и се залага за поголема автономија, па дури и за независност на белгискиот регион Фландрија и за распад на Белгија.

Потпретседателот на Пратеничката група на ЕПП, романскиот европратеник Зигфрид Мурешан изјави дека во последните пет години имал многу добра соработка со претседателот на Комисијата за буџет на Европскиот парламент, Јохан ван Овертвелд, кој доаѓа од редовите на Н-ВА.

- Во законодавните процеси, колегите од ЕПП, исто така, имаа добро искуство во соработката со Н-ВА, изјави Мурешен.

Претставник на белгиската фламанска партија Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ), која заедно со валонската Посветени (ЛЕ) се актуелните членки на ЕПП од Белгија, изјави дека „Н-ВА, објективно гледано, гласала исто како и ЕПП за многу законски предлози“. Според него, ЦДВ е „отворена“ за прием на Н-ВА во Пратеничката група на ЕПП, но дека треба прво да се види каков би бил договорот за „трансфер“ на партијата од ЕЦР.

Шансите за прием на Н-ВА во ЕПП би биле поголеми доколку се остварат најавите дека центристичката партија Посветени (ЛЕ) е подготвена да ја напушти ЕПП и да се приклучи на либералната група „Да ја обновиме Европа“.

Интересот на ЕПП за прием на Н-ВА е дополнително зголемен по белгиските парламентарни избори, што се одржаа на ист ден со европските, на кои Новата фламанска алијанса освои најмногу пратеници и има објективни шанси да ја предводи идната Влада во Белгија, откако нејзиниот лидер Барт Де Вевер доби задача да ги разгледа можностите за обезбедување парламентарно мнозинство за избор на владин Кабинет, со кој најверојатно би раководел самиот тој.

Извори во Н-ВА, која важи за една од поумерените партии во рамките на ЕЦР, информираа дека „би имале поттик“ да преминат во ЕПП, доколку партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан стане членка на групацијата предводена од Мелони, што е многу веројатно. Сепак засега, Н-ВА нема поднесено официјално барање за прием во ЕПП.

Но, на приемот на Н-ВА би можела да се спротивстави шпанската Народна партија (ПП), која сега е втора по бројот на пратеници меѓу членките на ЕПП, затоа што Фламанците ги поддржуваат и соработуваат со каталонските сепаратистички партии.

Најавата за можно преминување во ЕПП следи откако вчера официјално во Пратеничката група на Европската народна партија беа примени 14 европратеници кои доаѓаат од партии што гравитираат кон десниот центар од политичкиот спектар, но кои досега немаа свои членови во Европскиот парламент.

Меѓу нив најбројна е најголемата опозициска партија во Унгарија, Партијата за почит и слобода (ТИСА), предводена од Петер Маѓар, кој иако првично најави дека ќе се откаже од местото во Европскиот парламент, сепак реши да стане европратеник, со цел, како што изјави, од Брисел да му се спротивставува на унгарскиот премиер Орбан. ТИСА има седум европратеници.

Покрај ТИСА, во Пратеничката група на ЕПП беа примени и холандските партии Нов социјален договор (НСЦ) и Движење земјоделци-граѓани (БББ), кои треба да бидат дел од новата влада на Холандија. Досегашната единствена членка на ЕПП од Холандија, Христијански демократски повик (ЦДА) првично се спротивстави на приемот на НСЦ и БББ, обвинувајќи ди дека имаа „евроскептични, па дури и антиевропски ставови“, но на крајот сепак се согласија на нивно членство во групата. НСЦ има два европратеника, а БББ еден.

Кон ЕПП, се приклучија и чешката партија Граѓани и независни (СТАН) со два пратеника и Семејната партија на Германија (ФПД) и данската Либерална алијанса (И), кои имаат по еден европратеник.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2024 16:52