Претседателот на Тунис, Каис Саид, го разреши министерот за верски прашања, Брахим Чаиби, по критиките упатени кон него за смртта на десетици Тунижани кои учествуваа на аџилакот во Мека, соопшти денеска претседателството.

Најмалку 49 Тунижани починаа поради екстремни горештини во Саудиска Арабија во текот на минатата недела. Семејствата се уште трагаат по неколку лица кои се исчезнати.

Повеќе од 1.000 муслимански аџии починаа за време на аџилакот во Мека поради топлотен удар. Температурата во Мека во последните денови достигна максимални 51,8 степени.

Саудиска Арабија сè уште не го коментирала официјалниот број на починати, иако извештаите покажуваат дека околу 10 земји пријавиле 1.081 смртен случај за време на годишниот аџилак.

На повеќедневниот аџилак оваа година учествуваа околу 1,8 милиони муслимани. Аџилакот во градот Мека во Саудиска Арабија е задолжителен за сите муслимани кои мораат барем еднаш да одат таму доколку тоа го дозволуваат нивните здравствени и финансиски услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2024 04:39