Група меѓународни научници објавија дека пронашле нови докази за поткрепа на теоријата дека животот на Земјата можеби се создал 1,5 милијарди години порано отколку што науката претпоставува.

Тимот кој работи во Франсвил, Габон, откри показатели за живот на едноклеточни животни пред 2,1 милијарда години. Научниците го проучувале хемискиот состав на карпата каде што се пронајдени остатоците. Утврдени се и високи нивоа на кислород и фосфор како резултат на судир на две континентални плочи под вода, што довело до создавање вулканска активност. Истражувањата и досегашните резултати се објавени во списанието „Прикембријан рисрч“ (Precambrian research).

Според научниците, овие организми не се рашириле на пошироко подрачје и на крајот изумреле.

Овие тези претставуваат големо отстапување од конвенционалното научно размислување. Повеќето научници веруваат дека животот на нашата планета се создал пред околу 635 милиони години. Следно што треба да се образложи е - дали необјаснетите наоди во Франсвил се фосили?

Професорот Ернест Чи Фру од велшкиот Универзитет на Кардиф во Велика Британија, кој е еден од научниците пронаоѓачи, изјави дека ако неговата теорија е точна, овој новооткриен облик на живот би бил сличен на мувлата. Според него, ова е важно откритие.

Од друга страна, пак, проф. Грејм Шилдс од Универзитетскиот колеџ во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето, вели дека има одредени сомнежи околу истражувањето, нагласувајќи дека се потребни повеќе докази



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2024 03:09