Околу 100 првачиња помалку има во тетовските училишта, оцени градоначалникот на Тетово, Биљал Касами по повод почетокот на новата учебна година. Во основното училиште „Лирија“ во Тетово, тој подели, како што рече, унифициран албански буквар за прво одделение.
- Трендот за жал, а продолжува и оваа година има околу 100 ученици помалку во основни и толку во средни училишта. Затоа ние сме посветени за да создадеме подобри услови за живот на нашите граѓани на подобри услови за учење на нашите ученици, за да овој негативен тренд кој продолжува да го запираме и нашите деца да останат тука, но тие ќе останат тука кога ќе им создадеме подобри услови за живеење, а ние сериозно инвестираме во тоа и во објекти, и во учебници во сè што е подобар живот, истакна Касами.
На новинарските прашања дали унифицираниот буквар за првачиња со мајчин албански јазик во Албанија и во другите држави, има одобрение од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Касами тврди дека е така.
- Сигурно чим е пуштен во употреба, во Македонија има одобрение. Тој ќе биде поделен на сите училишта со образование на албански јазик и ќе биде користен како дополнителен материјал и сигурно ние ќе работиме во следниот период, тоа да се намали да биде и учебник кој ќе биде користен од сите ученици не само во Македонија, нели како што е и одлуката за сите Албанци. Тоа е учебник, унифициран за сите Албанци во Албанија, Косово, Македонија и секаде кај што живеат Албанците. Тоа е буквар со што Албанците првачиња ги учат буквите, рече Биљал Касами.
Градоначалникот истакна дека годинава ќе има учебници за сите ученици.
- Во текот на оваа недела ќе имаме подетална слика колку книги се распоредени по учениците и колку ќе треба дополнително да се распределат. Во делот на наставниот кадар, исто има потреба перманентна потреба за повеќе наставен кадар. Веќе работиме сериозно и во делото на целодневна настава. Значи тоа е процес за подобрување на условите во нашите основни и средни училишта, но ова е година прва со новата влада и веќе посериозно работиме во делот на подобрување на овие услови, но сигурно дека треба време и треба повеќе ресурси за тоа што не е направено со години на назад да направиме ние во следниот период.
Од ОУ „Лирија“, Касами најави дека се подготвува проект за изградба на нов училишен објект за тоа училиште.