Раководниот тим на „Кристал 1923“ попозната како велешка Маслодајна како единствен преработувач на сончоглед во земјава лани бараше од старата, а сега и од nовата Влада да го намали ДДВ за сончоглед кое минатата година среде откуп во октомври од 5 беше зголемено на 10 отсто, и воедно да го зголеми ДДВ на суровото масло кое остана непроменето 5 отсто. Со тоа велешка Маслодајна ќе плаќа исто ДДВ и ќе биде во иста положба со останатите производители на масло за јадење во земјава, кои како суровина не откупуваат сончоглед туку сурово масло од странство, информираат за МИА од раководниот менаџерски тим на „Кристал 1923“ .

Тие посочуваат дека не е во ред сонгогледот од кој се произведува масло за јадење кое е социјална култура за прехрана на населението да се стави во луксузни култури заедно со фстаците и останатите луксузни култури.

Од велешка Маслодајна потсетуваат дека тие последниве години како единствена компанија за производство на масло за јадење од сончогледовво семе во земјава направија големи напори и успеаја да го вратат сончогледот на македонските полиња. Воедно се и единствени кои преработуваат масло за јадење од сончоглед и кои го откупуваат од македонските земјоделци, иако им е поевтино како суровина да набавуваат сурово масло од странство.

Информираат дека веќе 20-тина дена се одвива откупот на сончоглед од македонските производители, кои поради високите температури годинава порано уште во август ја започнаа жетвата, а која изминатите години започнуваше во септември. Најпрво од производителите од Свети Николе и Куманово, а деновиве во фабриката во Велес се носи и сончоглед од Пелагонискиот регион.

Досега се откупени над илјада тони сончоглед, што за овој период е голема количина. Од „Кристал 1923“ поради подобриот род годинава планираат да откупат помеѓу 5 и 6 илјади или повеќе од ланските кога беа откупени 4 илјади тоно сончоглед.

Инаку, откупната цена годинава е 23,5 денари за килограм плус ДДВ и е повисока од ланската која беше 20,5 денари плус ДДВ. Лани поради сушата и ниските приноси на сончогледот на иницијатива од „Кристал 1923“, земјоделците од Владата добија помош вонредна субвенција по плус 5 денари од килограм сончоглед предаден во прерабоувачки капацитет



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2024 19:30