Точно петнаесет години изминаа од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.

Несреќата се случи на денешен ден во 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Капетанот Сотир Филески, тогаш 23-годишник, беше приведен уште на самиот ден на несреќата, при што му беше изречена мерка притвор што беше на сила се до правната разврска на случајот на 5 јули 2011 година, кога беше осуден на една година затвор. Олеснителна околност за Филески беше барањето на застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата за изрекување алтернативна, а не ефективна законска мерка за капетанот, со образложение дека сторил се што е во негова можност за да спаси што поголем број патници во критичниот момент, при што го жртвувал и сопствениот живот.

Основниот суд во Охрид каде од 28 февруари 2011 година се одвиваше судскиот процес за несреќата, во отсуство го осуди и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, заради несовесно вршење на техничката исправност на бродот „Илинден“ изграден во 1924 година.

Семејствата на оштетените и загинатите патници од бродот „Илинден“ најавија дека своите оштетни побарувања против Република Македонија ќе ги истакнат во граѓанска постапка, што се уште не е случено.

Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.

Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.

Две седмици по потонувањето, бродот „Илинден“ на 19 септември беше извлечен на површината на Охридското Езеро. Истиот ден бродот беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде по спроведената истрага за неговата техничка исправност се наоѓа и денеска, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи.

Пред четири години на брегот на Охридското Езеро во непосредна близина на Студенчишкиот канал беше откриен споменик „Солзата на роза“ во знак на сеќавање на жртвите во несреќата. Паметникот има изглед на капка што се дели на два дела, од кои едната оди надолу и симболизира солза, а другата нагоре и претставува нов почеток преку симболично испарување на водата. Во капката се испреплетени 15 рози, симболика на 15-те животи згаснати тоа утро. Споменикот е изработен од оксидирано ковано железо, со боја на метал што изгледа како да е извлечен од вода



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2024 17:50