Во рамките на традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, денеска во Кавадарци има изложба на олдтајмери во организација на Авто мото клуб РПМ и кавадаречката локална самоуправа.
Кирил Димитров Урошев, дел од организацијата на настанот, за МИА изјави дека за изложбата се пријавени педесетина возила од земјава и странство, но се очекува нивниот број да биде поголем на лице место. Најстарите пријавени возила, како што дополни, се од периодот околу 1950 година.
Посетителите на изложбата имаат можност да ги погледнат изложените примероци, да се фотографираат со нив и да слушнат вистински приказни поврзани со овие миленици на четири тркала, како што знаат за нив да кажат нивните сопственици.
- Се работи за стари возила, но со многу голема вредност за нас самите и во историјата на автомобилизмот. Тие се дел од нашите спомени, ги чуваме и негуваме, со многу љубов и внимание, коментираа некои од нив.
Димитров Урошев подвлече дека целта на ваквите настани е промоција и зачувување на македонската историја и македонскиот автомобилизам.
- Бидејќи олдтајмерите се клучен дел и основа на секој автомобилизам и автомобилската култура на секоја земја, истакна Димитров Урошев.