Честитка по повод 8 Септември Денот на независноста упати Свештената бигорска обител, посакувајќи Бог да ни ја сочува татковината вечна.

-Братството на Свештената бигорска Обител на сите граѓани на Република Северна Македонија, радосно и срдечно, им го честита Денот на независноста. Вечен им спомен и слава на сите македонски родољупци и слободољупци. Бог нека ни ја сочува Татковината вечна и нека им вдахне родољубие на сите наши политичари, посакува Свештената бигорска обител.

Се наведува дека 8-ми септември 1991 година ја „возгласи на целиот свет вистината дека Македонија е достојна за дарот на слободата и за самостоен државен живот“.

-Она што е воздухот за телото, тоа е слободата за човечката душа. Колку еден народ има поразвиено самосознание, толку повеќе тој ја цени слободата, стои во честитката.

Порачуваат дека љубовта е првобитното животно начело, дека тоа не е само надворешната љубов, туку тоа е љубовта во своето највисоко и најубаво значење, љубов во сите нејзини чисти пројави.

-Онаа љубов, која во својата крајност е, всушност, вера, која во себе соединува сè што е свето, божествено, благородно и возвишено – љубов кон Бога, кон ближните, кон Татковината, кон ова мало, но мило парче земја, кое нас и нашите прататковци нè родило, нè одгледало и во своите пазуви нè примило, се наведува во честитката на Свештената бигорска обител.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/09/2024 05:26