Холандскиот репрезентативец Мемфис Депај официјално му се приклучи на бразилски Коринтијанс како слободен играч. 30-годишниот офанзивец потпиша договор до 2026 година, а според информациите за тој период ќе добие хонорар од 11,3 милиони евра.

Депај пристигна на слободен трансфер од Атлетико Мадрид, а претходно играше за ПСВ Ајндховен, Манчестер Јунајтед, Лион и Барселона. Минатата сезона постигна 9 гола на 31 натпревар за „рохибланкос“.

Седумкратниот државен шампион на Бразил, Коринтијанс засега не се претставува најдобро во бразилската конкуренција. Клубот од Сао Паоло е на седумнаесеттото место по 25 одиграни кола, кое носи испаѓање на крајот од сезоната.

Депај има 98 настапи и 46 гола за репрезентацијата на Холандија, а не беше повикан за првите натпревари на „лалињата“ од Лигата на нации. Тој станува само вториот фудбалер од оваа земја кој настапува во бразилската елита, по Кларенс Сидорф, кој беше дел од Ботафого во периодот 2012-2014 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2024 20:09