Асоцијацијата за развој на нови опции - АРНО го отвори петтиот RISE повик за поддршка на млади социјални претприемачи и најави настан за петок (13 септември) на кој социјалните претприемачи ќе дискутираат колку е важно да се има знаење, но и среќа во градењето на бренд.
Од АРНО апелираат до сите млади кои имаат идеја да аплицираат на RISE повикот најдоцна до 20-ти септември. Преку програмата, младите можат да добијат парична поддршка од 2500 евра, обуки, менторство и поврзување со млади од регионот.
Организаторите ги повикуваат сите кои се заинтересирани за социјално претприемништво и за програмата RISE да дојдат учествуваат на инфо сесијата што ќе се одржи во петок каде ќе добијат и бесплатни прирачници за социјално претприемништво.
- Свесни сме во какви неизвесни времиња живееме и сакаме искрено да зборуваме за социјалното претприемништво и зошто се потребни програми со знаење и секаков вид на поддршка. И така, токму на петок 13-ти во 17 часот во КОТУР, АРНО ќе промовира алатки за социјални претприемачи и ќе има го одбележи денот (озогласен како несреќен) преку разговор и дружба со локални социјални претприемачи Александра Бела од УРМА, Кристиан Шопов (Еко-магионичар и Среќотворец) и Магдалена од Лице в лице. Овие настани се важни затоа што градиме заедници, не сме тука од денес за утре, туку за многу нови генерации. Покана до сите да дојдат, треба само да пополнат формулар за да знаеме и колку колачиња со порака да направат од Амброзија-социјален бизнис од Неготино од претходната програма на RISE, вели Стефани Пренкова од АРНО.
Преку програмата RISE на регионално ниво поддржани се повеќе од 500 млади и 175 идеи од Западен Балкан. Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија (Women on the way), овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона (Reality Escapers), основаа кетеринг служба во Неготино со работна интеграција на жени со помалку можности (Амброзија) и многу други успешни приказни.
Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.
RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group) и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).