ВМРО-ДПМНЕ апелира сите пратеници и пратенички групи во Собранието да го поддржат Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој, како што велат ќе се овозможи линеарно зголемување на пензиите на сите пензионери за 2.500 денари линеарно, почнувајќи од септемвриската пензија.

-Апелираме за соработка од сите пратенички групи кога се работи за доброто на нашите граѓани. Ги повикуваме сите пратеници за поддршка и веднаш уште денеска во согласност со Собранискиот деловник да се закаже Комисијата за социјална политика, демографија и млади.Со овој закон ќе се оствари право на повисока пензија на 300.000 наши пензионери. 300.000 пензионери добиваат повисоки пензии, подобар животен стандард и подобри услови за живот. Ова е само почеток на она што го ветивме, рече на денешната прес-конференција Бојан Стојановски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, дополнително покрај ова покачување, во месец март ќе има зголемување од уште 2.500 денари линеарно за сите пензионери.

-Тоа значи реализација на едно од клучните ветувања во предизборниот период на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија" за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. Како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе продолжиме да се бориме за нашите граѓани да имаат подобри услови за живот. Животниот стандард на нашите сограѓани е еден од врвните приоритети на ова парламентарно мнозинство, рече Стојановски.

Тој додаде дека како партија упатуваат апел до сите пратеници и пратенички групи уште денеска да го изгласаат овој Закон и да се излезе во пресрет на 300.000 пензионери во Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2024 18:31