Денеска на Спомен костурницата над градот со пригодна свеченост беше одбележана осумдесетгодишнината од ослободувањето на Струмица. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот, Костадин Костадинов.
-Треба да знаеме да го сочуваме она што денес го славиме, а ја славиме слободата на нашиот град која нашите татковци и дедовци ја дочекале на 11 септември 1944 година, а ја извојувале храбрите, одлучни и бескомпромисни борци од Струмичкиот партизански одред, кои дале свој значаен белег во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија. Тоа значи дека нашава Струмица и ние-гордите струмичани, денес славиме, ни повеќе ни помалку, туку точно 80 години слобода, осум децении слободарски растеж на градот кој го имаме за свој дом под ова наше македонско небо и сонце, рече Костадинов.
Претставници на Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата, а рецитатори од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за Денот на ослободувањето на градот.
Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат со промоција на јавниот електричен градски превоз и со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“.