По двата последователни порази, фудбалерите на Манчестер Јунајтед се вратија на победничкиот колосек во Премиер лигата, каде денеска во 4. коло од натпреварувањето го совладаа Саутемптон на гостински терен, победувајќи со 3:0 (2:0), со головите на Маркус Рашфорд и Матијас де Лихт и Алехандро Гарначо.
Тоа беше 400-ти пораз за Саутемптон во Премиер лигата, кој стана четврти клуб во историјата со тоа „достигнување“, а воедно и четврти во тековната сезона, каде заедно со Евертон се на дното на табелата без освоен бод.
По двата последователни порази од Брајтон (1:2) и Ливерпул (0:3), Ерик тен Хаг ги подготви своите играчи за гостувањето на стадионот „Сент Мери“, а „црвените ѓаволи“ поучени од лошото искуство од минатиот месец, од стартот пристапија на натпреварот на вистински начин и без поголеми проблеми, стекнаа капитална предност уште до крајот од првото полувреме.
Треба да се напомене дека Саутемптон имаше шанса да поведе во првите 45 минути од пенал, но голманот на Јунајтед, Андре Онана го одбрани ударот на Камерон Арчер, што многу влијаеше на понатамошниот тек на натпреварот.
До крајот на натпреварот, Саутемптон се обидуваше да се врати и да фати приклучок, но цврстата одбрана на Јунајтед беше на ниво и не дозволуваше изненадување.
По натпревар во ЕФЛ купот, Манчестер Јунајтед на 21 септември ќе гостува кај Кристал Палас, додека Саутемптон истиот ден ќе го пречека Ипсвич.