Секоја година во третата седмица од месец септември РСБСП, во соработка со МВР и Факултетот за безбедност Скопје, реализираат кампања за одржлива урбана мобилност по повод Европската недела на мобилност во сообраќајот. Целта на оваа кампања е формирање на здрави животни навики, чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативните форми на мобилност.
Во рамки на Европската недела на мобилност се спроведуваат активности за подигање на свеста за користењето на велосипед, јавен превоз и други еколошки транспортни решенија. На таков начин ќе се обезбеди унапредување на заштитата на околината, намалување на бучавата и емисијата на издувни гасови од моторните возила, поголема безбедност на сообраќајот на патиштата, унапредување на навиките за квалитетно живеење и подобрување на здравјето на луѓето.
Велосипедскиот сообраќај е еколошки најодржлива форма на сообраќај. Велосипедот е средство за транспорт со кое може директно да се пристапи до целта на патувањето и тоа неспоредливо поевтино од користењето на кое било друго превозно средство. Возењето велосипед се промовира заради следното:
· велосипедот троши малку енергија,
· не ја загадува околината,
· не му е потребен голем простор за движење и за паркирање, а паркирањето е бесплатно,
· придонесува за намалување на сообраќајниот метеж,
· придонесува за унапредување на здравјето.
РСБСП апелира: Возете велосипед! Изберете еколошко транспортно средство. Да придонесеме за еколошко и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата.