Екипите на Здравствен дом во Куманово интензивно ги повикуваат родителите на децата да ги вакцинираат со ДиТеПер вакцина, информираа денеска надлежните. Од првите случаи на појава на пертусис во Куманово од средината на јануари, годинава досега вакцинирани се 2.900 деца на предучилишна возраст, и околу 1000 деца од училишна возраст. Во Куманово епидемијата беше прогласена во април годинава.

-Од 18-ти јануари работиме на зголемување на бројот на вакцинирани деца. Имаме и училишни и деца на предучилишна возраст. Секојдневно ги проверуваме вакциналните картони и редовно ги повикуваме да се вакцинираат. Како тим сме задоволни сме од досегашниот одзив и настојуваме да го зголемиме процентот на вакцинираните деца. Некои од родителите заборавиле да ги вакцинираат, но има и родители од други причини кои не сакаат да ги вакцинираат децата, изјави доктор Валентина Богоевска - Димитриевска од детски диспанзер Куманово.

Екипите работат на спречување на болеста која во минатото речиси и да беше исчезната, но сега поради невакцинирањето се појавија. Куманово е еден од градовите со низок опфат на вакцинација, поразителен за одредени вакцини.

-Далеку сме од посакуваниот процент за да имаме комплетна заштита. Превенцијата е клучна и важно е да се едуцираат родителите. Дел од нив се загрижени, некои се убедени дека не треба да го вакцинираат детето, друг се предомислуваат и особено сме радосни што имаме таков успех, вели докторката.

Вакцините штитат и нивната ефикасност е околу 90 проценти. Токму најмалите оние кои не ја достигнале возраста за целосна имунизација најчесто поминуваат со потешка клиничка слика и бараат болнички третман, имунизираните поминуваат со полесна клиничка слика.

-Со вакцинацијата против пертусис, благо скокна и процентот на вакцинирани против морбили. Слушаме дека има новозаболени и ќе работиме на зголемувањето на процентот и за таа вакцина, кажа докторката Богоевска - Димитриевска.

Екипите на Здравствениот дом велат дека постојано ќе се ангажираат за да се дојде до посакуваниот опфат. Во Куманово поразителен е опфатот на вакцинирани деца со оваа вакцина. Лекарите советуваат родителите да ги проверат вакциналните картони и навреме да ги имунизираат децата за да не се враќаат исчезнатите болести, токму како голема кашлица.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2024 14:27