Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска на својот Инстаграм профил се огласи каде реагираше за апсењето на актерот Сергеј Трифуновиќ во Хрватска и побара од државните органи на Република Србија да направат се за тој да биде ослободен и вратен во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ во видео-обраќање на својот Инстаграм профил изјави дека Трифуновиќ вчера бил приведен, уапсен и одведен од граничниот премин, а никој не разбира зошто.
-Уапсен човек кој е мој политички противник, основач на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), но е и државјанин на Србија, уапсен е и никој не ја разбра причината. Најпрво барам од претставници на властите во Србија да ги искористат сите дипломатски канали и да се изборат за правда и да се изборат за слобода на Сергеј Трифуновиќ, рече Вучиќ.
Тој посочи дека пред неколку дена била спроведена хајка против Србија бидејќи на граничен премин десет минути бил задржан естраден уметник од Хрватска.
-Пред неколку дена видовме општа хајка против државата Србија, организирана однадвор, одвнатре, само затоа што естрадна уметница од Хрватска (Северина Вучковиќ) беше задржана десетина минути на граничен премин (Батровци-Србија). Таа не беше приведена, не беше уапсена, не беше малтретирана. Исто така се молчеше и кога адвокатот (Немања) Бериќ од Белград беше затворен 15 дена, само поради некаква песна објавена на неговиот Фејсбук профил, рече Вучиќ во видео обраќањето на својот Инстаграм профил.
Северина по задржувањето беше пуштена, но реши да се врати во Хрватска, по што изјави дека никогаш повеќе нема да дојде во Србија додека Вучиќ е на власт.
Вучиќ во обраќањето апелираше до хрватските власти да разберат дека затворањето на Србите не води кон создавање подобри односи.
-Не сакам да изговарам остри зборови и квалификации кои тие ги кажаа за Србија поради десетминутното задржување, туку само молам и барам да се однесуваат рационално и Сергеј Трифуновиќ што поскоро да го ослободат, изјави Вучиќ.
Како што соопштија хрватските медиуми, општинскиот суд за прекршоци во Сплит му го одзеде пасошот на Сергеј Трифуновиќ, кој беше уапсен синоќа околу полноќ, на граничниот премин Бајаково додека поминувал од Србија кон Хрватска.
-Во судот е одржано рочиште, а пасошот е одземен „како мерка на претпазливост“, пишува Слободна Далмација.
Трифуновиќ пред судот ијавил дека не се чувствува виновен за она за што е обвинет, односно за прекршок против јавниот ред и мир.
Полицијата од судот побарала за Сергеј Трифуновиќ 30 дневен затвор и парична казна од 1.000 евра.
Судењето на српскиот актер продолжува денеска во 12:30 часот. Предмет на истражувањето е објава на социјална мрежа од 10 септември минатата година.
-Тој објави текст со недолична содржина, во кој истовремено грубо ги омаловажи полицајците и полициските службеници, наведувајќи дека сплитските полицајци изнудиле над илјада евра, соопшти ПУ на Сплитско-далматинската жупанија.
Сплитскиот весник потсетува дека Трифуновиќ пред една година беше уапсен и казнет во Сплит откако граѓани го пријавиле на сплитската плажа Каштел, бидејќи без надзор го чувал своето куче, што ги вознемирило присутните.
Тој тогаш е казнет со 500 евра и 50 евра судски трошоци, а неколку часа подоцна, според полицијата, истото куче го водел на улицата Босанска без надзор и без поводник, па бил казнет со нови 200 евра.
На Трифуновиќ му беше изречена едногодишна забрана за влез во Хрватска и во земјите од Европската економска област, а кога вчера со сопругата тргнал кај нејзиното семејство во Риека, беше запрен на Бајакова и донесен во Сплит.