Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел изјави дека „процесот на интеграција во Европската Унија е всушност процес на демократско зајакнување на државата, и затоа мора да си ја завршиме домашната задача за себе“, објави АТА.

-Тие што треба да станат членки, не може да избираат што да прават, тоа се вика преговарање, тоа е повеќе домашна задача. Мора да го направиме она што тие од нас го бараат. Но, ние мора да го направиме ова за себе. Овој процес е процес на демократско јакнење на државата и секој кој е во средината на Европа, но без да биде дел од ЕУ, му ја нуди оваа важна алатка, изјавил Рама, објавија албанските медиуми. Рама на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот економско-социјален комитет, Оливер Ропке во Брисел, зборувал и за предизвиците за интеграцијата на земјата во ЕУ.

-Едно е она што треба да го направиме за она што се очекува од нас, што е предвидливо, а другиот предизвик е она што е непредвидливо. Затоа, предизвикот е да ги знаеме овие две работи, но тие се спојуваат во одредени моменти кога сме подготвени да ја завршиме домашната задача. Но, се случува да бидеме подготвени, а следниот кат да не е подготвен. Има драматична промена, постои тенденција на ЕУ да слуша, ова откако Владимир Путин го направи тоа што го направи, и таа требаше да се разбуди, рекол Рама.

Се задржал и на формирањето Заеднички консултативен комитет со цел зајакнување на соработката со ЕУ и интеграција во Унијата, оценувајќи дека е „многу охрабрувачки и навистина носи многу нова енергија, тоа што имаме можност да ја финализираме процедурата за создавање на Заеднички консултативен комитет“.

-Ова е доказ не само за нашата посветеност, туку и за цврстото верување дека процесот на интеграција во ЕУ не е само прашање што и припаѓа на владата, туку им припаѓа на сите граѓани, вклучително и вклученоста на граѓанското општество, додаде тој.

Од своја страна Ропке изјавил дека методологијата за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија треба да биде постепена и дека е „дојдено време да се создаде Заеднички консултативен комитет, тело кое не само што ќе следи, туку и ќе дава совети заедно со институциите во Владата за членството на земјите на Западен Балкан“.

На заедничката прес-конференција додал дека правната основа за овој чекор е подготвена. -Од наша страна, ние сме подготвени. Имаме законска основа, членовите мора да бидат именувани транспарентно и сеопфатно, па потоа да продолжиме. Јас сум на мислење дека веднаш треба да почнеме со овој чекор, изјавил тој. Порачал дека „аспираците на албанските граѓани не може да бидат разочарани“.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2024 16:35