Над 50 олдтајмери од Западна Европа и регионот следната година кон крајот на септември и почетокот на октомври ќе бидат дел од меѓународно рели од премиум ранг што ќе се вози низ државава. Учесниците ќе имаат можност да дегустираат македонски вина, да вкусат традиционална македонска храна, а притоа да посетат и неколку културно-историски знаменитости.
Од промотерската куќа „Бахус класик“ од Скопје, кој е организатор на настанот, посочуваат дека со ова, земјата ќе се позиционира на мапата на светски настани од овој ранг, а воедно ќе се промовираат и нејзините убавини.
- Важно ни е да го востановиме настанот и да влеземе на листата на светски настани од овој ранг, да отвориме ново поднебје за овој тип на вакво рели затоа што вакво рели од Австрија до Атина нема. Некои од возилата кои би требало да дојдат воопшто досега не се видени ниту во Македонија, ниту во регионот, вели во изјава за МИА еден од организаторите Игор Стефановски.
Стефановски за МИА открива дека очекуваат околу 120 учесници и 60 возила од кои 50-тина олдтајмери би биле од Западна Европа, поточно од Германија, Австрија, Луксембург, Италија...., а 10-тина од државите од регионот.
Подготовките веќе се во тек, а идејата на Стефановски и Благоја Петровски кои го водат целиот проект, е да се направи настан од премиум квалитет, а притоа да се прикаже сето она што е специфично за државата почнувајќи од виното и храната до историските знаменитости.
- Сакаме да направиме седумдневно рели со историски возила со премиум организација. Се вози Повардарието, се дегустираат познатите македонски вина, а ќе се посетат и Хераклеа, Охрид и Бигорскиот манастир. Сакаме да понудиме едно поинакво искуство и како територија и како култура. Задача на учесниците е само да уживаат, вели Стефановски.
Релито е впишано во календарот на Светската федерација за историски возила (ФИВА), а премиерно беше промовирано на јубилејното 20. издание на еден од најпрестижните настани за олдтајмери во Европа „Classic Gala Schwetzingen 2024“ што се одржа во барокниот дворец во германскиот град Швензинген. На настанот на кој учествуваа околу 180 специјално избрани олдтајмер автомобили од целиот свет кои ги оценуваше 20-члено стручно жири од шест држави.
Земјава беше претставена од „Бахус Класик“ со возилото „Fiat Abarth 1000TC Gr.5 Replica“ кое предизвика интерес кај посетителите кои имаа можност да дегистираат македонски вина од познати винарии.
- Ние бевме единствените што воопшто и настапиле како македонски промотори во оваа област. Закупивме штанд и бевме официјален партнер на манифестацијата. Релито што ќе се одржува кај нас го презениравме на овој голем настан, а посетителите имаа можност да ги пробаат и нашите македонски вина, вели Стефановски.
Организаторите најавуваат настан од светски ранг во којшто централното место, како што и самото име кажува, ќе го има виното, а преку него, на светот ќе му биде претставена државата во најубаво можно светло.
Билјана Анастасова - Костиќ