Со предавање за младите за примена на различни видови алтернативен транспорт и викенд-планинарска тура низ Осоговските планини Европската куќа Крива Паланка ја одбележа Европската недела на мобилност.
- Реализираме активности со и за младите за одбележување на сите значајни датуми кои можат да им ја подигнат свеста и да придонесат за позитивни промени во различни области. По повод Европската недела на мобилност денес младите се запознаа со бенефитите од пешачње, возење велосипед или електричен мопед, наместо користење автомобили, што од една страна е далеку поекономично, од друга страна, не влијае на животната средина, а дополнителни бенефити и здравствени придобивки, пак, имаат и самите млади, велат од Европската куќа Крива Паланка.
На настанот беше посочена потребата од редуцирање на транспортните средства, за поголема безбедност на патиштата, помалку бучава, помало загадување на воздухот и подобар квалитет на живот.
- За да се поттикнат луѓето почесто да пешачат и да возат велосипед, треба да има повеќе висококвалитетна посветена инфраструктура и сообраќајни правила на кои им се приоритет пешаците и велосипедистите. Јавните власти имаат алатки за спроведување на промени во политиките и инфраструктурата кои поддржуваат трајно преминување кон одржлива мобилност. Но мора да истакнеме, градовите во кои живееме се обликувани од индивидуалните избори што ги правиме, затоа треба да работиме заедно за да го подобриме заедничкиот јавен простор, посочуваат од Европската куќа Крива Паланка.
Централната активност по повод Европска недела на мобилност во организација на Европската куќа беше настанот „Еко-планинарење: Да ги истражиме алтернативните видови на мобилност" што се одржа вчера. Настанот беше организиран во соработка со планинарско-спортски клуб „Калин Камен" од Крива Паланка кои ја водеа рутата на пешачење преку рекреативна патека „Станечки водопади", со разгледување на прекрасните пејзажи во селата Станици и Дурачка Река, кратка обука за младите почетници кои сакаат да планинарат и искачување до туристичкиот локалитет Калин Камен. Присуствуваа околу 50 учесници, млади од Крива Паланка, како и планинари од Куманово и Скопје.