Тројца 14-годишни малолетници, поточно ученици од 7-мо одделение од основното училиште во Бараево крај Белград, се уапсени за кривично дело злоупотреба и тортура, додека еден од нив добил пријава и за сексуално вознемирување, јави дописникот на МИА од Белград.

Според информациите на Оделението за малолетници на Високото јавно обвинителсво во Белград (ВЈТ), полицијата во Бараево во соработка со ВЈТ за малолетници ги привела тројцата ученици под сомнение дека во текот на септември во неколку наврати малтретирале повеќе ученици од петто одделение во машкиот тоалет, при што им земале пари и ги тепале. Еден од тројцата ученици ги принудувал помалите деца да се соблекуваат во долен веш и ги допирал.

Обвинителството го демантира пишувањето на некои медиуми дека учениците се уапсени, и објаснуваат дека тоа било редовна постапка, што значи дека малолетниците не се уапсени, ниту пак се приведени.

-Во согласност со Законот за малолетни сторители и заштита на малолетни лица, ВЈТ во Белград нема да открие други детали за овој случај во јавноста, изјавија од ВЈТ за Инсајдер.

Директорот на училиштето Жељко Трифуновиќ не сакаше да го коментира случајот, ниту да даде детали. Тој изјави дека „детската игра тргнала во погрешен правец“, а напоменува дека надлежните веднаш биле информирани за се и дека училиштето направило се што било потребно и во нејзина моќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/09/2024 18:11