Единствената македонска партија во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати апел до македонските власти да обезбедат побрзо минување на граничниот премин Стење-Горица на границата со Република Албанија.
- Во текот на бербата на јаболката во Преспа, значително е зголемено движењето на Македонци од Општина Пустец, кои секојдневно доаѓаат за работа и се враќаат вечерта дома. Секојдневно, во утринските и вечерните часови, се создаваат значителни колони, што предизвикува подолго чекање за влез и излез, изјави за МИА, Васил Стерјовски претседател на МАЕИ.
Поради тоа, додава, бараме од надлежните органи да обезбедат поголем број шалтери, со цел да се овозможи побрзо минување, како и да се олесни секојдневното движење на граѓаните на овој граничен премин.
- Сметаме дека е од исклучителна важност да се овозможи побрз транзит во оваа сезона, за да се поддржи локалната економија од двете страни на македонско-албанската граница, нагласува Стерјовски.
Години на ред, стотици жители, па дури и цели семејства од подрачјето на општина Пустец, се ангажирани за време на бербата на јаболката во подрачјето на Ресен обезбедувајќи средства за основна егзистенција.