Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, побара целосна одговорност на сторителите на терористичкиот напад во Бањска кај Звечан во северно Косово, што беше извршен пред една година на денешен ден, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ховениер во бјава на платформата „Х“ изрази почит за наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку, кој беше убиен во овој напад.
„Денеска ѝ се приклучив на Владата на Косово и на дипломатските колеги за да оддадам почит за споменот на полицаецот на Косово, Африм Буњаку, кој беше убиен при вршење на службената должност во нападот во Бањска, на денешен ден пред една година. Соединетите Држави го повторуваат својот повик, и тоа е наше очекување, сторителите и сите кои беа вклучени во тоа страшно злосторство да бидат одговорни за целосна одговорност“, напиша американскиот амбасадор.
Казнување на сторителите на овој напад, меѓу другите, побараа и амбасадата на Германија во Приштина, како и Европската Унија.
Преку објава на официјалната страница на Фејсбук, германската амбасада потсетува дека една година по нападот во Бањска, водачот на српската група, Милан Радоичиќ и натаму е на слобода во Србија, што „го поткопува мирот во регионот и испраќа опасна порака“.
„Пред една година во страшниот напад во Бањска животот го загуби косовскиот полицаец Африм Буњаку. Неговата жртва нема да биде заборавена, но фактот останува: Милан Радоичиќ, претпоставениот сторител зад ова злосторство, и покрај тоа што ја прифати одговорноста, сé уште е на слобода во Србија. Неуспехот одговорните да се повикаат на одговорност, и покрај јасното признавање на вината, го поткопува мирот во регионот и испраќа опасна порака. Правдата мора да биде спроведена. Нема веќе одложувања или оправдувања“, се вели во реакцијата на германската амбасада.
Портпаролот на ЕУ, Стано преку социјалната мрежа „Х“ го повтори повикот на ЕУ за гонење на одговорните и порача дека треба да продолжат напорите за зачувување на безбедноста и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
„Една година од нападот во Бањска. ЕУ го повторува својот повик за брзо гонење на одговорните и ја потврдува својата посветеност на правдата и одговорноста. Тоа е потсетување на потребата од континуирани напори за одржување на безбедноста и унапредување на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија“, напиша Стано.
Тој ја сподели реакцијата на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, кој ја повтори осудата на нападот во Бањска.
„Најостро го осудувам грдиот напад на вооружена банда врз косовски полицајци во Бањска, на северот на Косово, каде што еден полицаец беше убиен, а двајца други беа повредени“, напиша Борел на официјалната веб-страница на Европската унија.
Тој повика на истрага за нападот на 24 септември и побара одговорните да се соочат со правдата