Додека премиерот Еди Рама цврсто стои зад идејата за формирање бекташка држава во Тирана, не престануваат реакциите во земјата, кои се сведуваат на тоа дека тоа претставува "држава во држава", закана по религиската хармонија, по која е препознатлива државата, па се до тоа дека Рама сака да профитира на парламентарни избори идната година.

Против оваа иницијатива попладнево се изјасни Муслиманската верска заедница оценувајќи дека тоа ќе ја наруши верската и меѓуверската хармонија во земјата.

Потпретседателот на оваа заедница, Лорен Лули, во интервју за ABC News изјави дека оваа заедница е против идејата за бекташка држава бидејќи ја нарушува верската толеранција во земјата.

Најави дека сите верски заедници ќе го координираат својот став штом ќе бидат откриени повеќе детали од овој проект.

- Несомнено, тоа го изразивме и во вчерашното соопштение, дека ваквите чекори можат да бидат и чекори кои му наштетуваат на соживотот и верската и меѓуверската хармонија. Го гледаме како опасен преседан кој го загрозува токму овој мир, оценува тој.

Поради оваа причина, посочува, со загриженост го следевме ова прашање и несомнено ќе продолжиме да го следиме со максимално внимание и во иднина, како ќе се одвива и какви дополнителни информации ќе дојдат во врска со ова прашање.

- Веќе остваривме контакти со други заедници и очигледно им е се уште нејасно што се случува. Рекоа дека се уште е рано да се има став и поради оваа причина тие избраа да немаат комуникација со медиумите или официјален став, изјави Лули.

Доцна попладнево реагираше и поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, за кого " идејата е иницијатива со изборна цел".

-Тој ја исфрли идејата за суверена бекташка држава во предвечерието на изборите, на едностран, несогласен, нејасен начин, рече Мета, кој како дополнителен аргумент додава одредба од Уставот.

Претходно реагираше и лидерот на опозициската Демократска партија и поранешен албански премиер и претседател Сали Бериша, кој рече дека „создавањето на суверена бекташка држава не е за верниците, туку за самиот премиер Рама“.

Поздравувајќи ги верниците Бериша порача дека треба да внимаваат на овој проект на премиерот Рама, бидејќи според него, ова го прави за да ги оттргне мислите на граѓаните од измами и од антиалбански ставови.

Експерти по уставно право оценуваат дека е во спротивност со Уставот и оти тоа е кривично дело.

Против оваа идеја е и отец Акил Пано, кој одлуката на Рама ја нарече "национално предавство", додавајќи дека Меѓуверскиот совет на Албанија треба да излезе со заедничка декларација на верските заедници.

Реагираа и опозициски пратеници оценувајќи дека "предлогот е вознемирувачки и нема никаква поврзаност со албанската реалност" и оти доаѓа во време кога "земјата е втурната во длабока економска и социјална криза, како резултат на влада преполна со скандали и корупција".

Инаку, според пописот од 2023 година, во Албанија како Бекташи се изјасниле 115.600 илјади од 2.402.113 жители на земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2024 05:11