Штип се подготвува за Денови на модата, кои ќе се одржат на 30 септември, 1 и 2 октомври. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова на прес-конференција изјави дека денеска текстилните компании и студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) -Штип заедно со манекенки и манекени имаат „фитинг“, односно проба на моделите.

-Во Дом на млади во текот на денот ќе се пробуваат моделите на сите учесници во настанот. Овде имаме присутно манекенки и манекени од неколку модни агенции од Македонија коишто ги пробуваат моделите. На настанот ќе учествуваат пет компании од Општина Штип, а две ревии ќе имаат студентите од Технолошко-техничкиот факултет при УГД-Штип и имаме една интересна соработка меѓу Општина Штип и Здружението за работнички права „Гласен Текстилец“, коишто овзоможија да се презентираат неколку модели на студенти, а се под менторство на најпознатите дизајнери од Македонија, вели Шорова-Ангелова.

Никола Патраклиски од компанијата ЕАМ истакна дека креативноста и добрата идеја не се нешта кои имаат географска одредница, туку какошто вели добриот дизајн може да го заобикули и да го види целиот свет.

-Има многу млади со енергија, еве од студентската ревија, младите дизајнери коишто ќе бидат вклучени во настанот и сметаме дека навистина плафонот е многу висок и дека со помош на интернетот може ствартно цел свет да го заобиколи. Го фаќаме трендот со светските чекори, се обидуваме да создадеме нови трендови, не е целта да се копира, туку треба и нешто да произлезе од Македонија, изјави Патраклиски.

Универзитетскиот професор, Ванѓа Димитриева-Кузмановска од Технолошко-техничкиот факултет забележа дека ова е шанса е на младите дизајнери и студенти да ја покажат својата креативност. Во моделите кои ќе ги презентираат на „Shtip Fashion Days 2024“ ги имаат и вметнато гоблените, кои пред 80 години се изработувале од жените.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2024 02:52