Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија за одолговлекување на дијалогот за нормализација на односите меѓу двете држави и изјави дека српскиот претседател, Александар Вучиќ го засолнил лидерот на терористичката група која го изврши минатогодишниот напад во Бањска во северно Косово, Милан Радоичиќ.

Во интервју за европскиот медиум „Политико“ („politico.eu“), кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти ги обвини и посредниците на Европската Унија во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак, дека не ја оствариле својата улога.

Според косовскиот премиер, „пристапот на Србија не е за нормализација на односите со Косово“.

Како што напоменува „Политико“, Курти изјавата ја дал еден ден откако учествуваше на ручекот организиран во Брисел од Европската комисија со лидерите на Западен Балкан.

„Како е можно (од Белград) да кажат да за Охридскиот договор, а истиот да одбијат да го потпишат?“, изјави Курти.

Тој изнел детали и од средбите за дијалог со Вучиќ, при што порталот забележува дека, иако минатата недела беа на иста средба, двајцата лидери не разговарале директно.

„Кога тој (Вучиќ) зборува, јас не се мешам. Секогаш кога јас зборувам, тој се жали“, изјави Курти.

Косовскиот премиер ја обвини Владата на Србија за постојано кршење на договореното и за засолниување на главниот терорист Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за минатогодишниот напад во Бањска, во кој беше убиен припадник на косовската полиција.

„Радоичиќ е слободен и заштитен во Србија и финансиран од Србија“, рече Курти.

Тој ги обвини и дипломатите на Европската унија, високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел и емисарот за дијалог Мирослав Лајчак за пристрасност во однесувањето кон преговарачките страни.

„Проблемот е што господинот Борел и господинот Лајчак не свират кога има прекршок. Замислете судија кој на фудбалскиот терен излегува без свирче“, изјави Курти.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2024 04:18