Западниот Балкан е составен дел од иднината на Европа и членството на земјите од регионот во ЕУ е на дофат, под услов да продолжат со спроведување на клучните реформи, порача високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел на неформалниот состанок со лидерите од регионот во Њујорк, на кој присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
- Зголеменото злонамерно влијание што ги поткопува реформските напори во регионот покажува дека треба уште потесно да соработуваме. Заедно, ќе создадеме побезбедна и попросперитетна ЕУ, објави Борел на Икс по состанокот.
Како што соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), средбата, одржана доцна синоќа по средноевропско време на маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, ја одразува посветеноста на Европската Унија за партнерство со идните земји членки од Западниот Балкан.
- Таа служи како повод за размена на мислења за теми од заеднички интерес, надвор од проширувањето, и за прашањата поврзани со глобалната безбедност и стабилност. Дискусијата се фокусираше на итните геополитички предизвици, особено на штетното влијание на руската агресија врз Украина и на напорите на Кина да го прошири своето економско влијание, се наведува во соопштението.
Според ЕЕАС, Борел и лидерите од Западниот Балкан разговарале и за важноста од зајакнување на отпорноста, нагласувајќи ја потребата од стратешко усогласување со Европската Унија за да се заштити регионалната стабилност. - Високиот претставник Борел истакна дека Западен Балкан е составен дел од иднината на Европа. Тој ја нагласи важноста и силата на врските ЕУ-Западен Балкан и повтори дека членството во ЕУ е на дофат, под услов клучните реформи да продолжат со обновен фокус, посочува ЕЕАС. Во соопштението се додава и дека неформалниот состанок во Њујорк бел можност да се потсети на потребата од решавање на постоечките билатерални спорови. - Високиот претставник Борел ја потенцира важноста на добрососедските односи постигнати преку дијалог и компромис како суштински чекори кон интеграцијата во ЕУ. Лидерите мора да преземат храбри стратешки одлуки за да ги унапредат своите европски аспирации. Високиот претставник Борел заврши со реафирмирање на посветеноста на ЕУ за поддршка на Западниот Балкан на европскиот пат, истакнувајќи дека проширувањето останува главен приоритет за ЕУ, се додава во соопштението. Инаку покрај Сиљановска-Давкова, на средбата со Борел присуствуваа и претседателите на Косово и на Србија, Вјоса Османи-Садриу и Александар Вучиќ, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и вицепремиерот за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.