Програмата за високо образование недвосмислено посочува дека потребни се подобри услови за настава, поголем ангажман на наставниот и научниот кадар, повеќе финансии и нова формула за финансирање и секако, интервенции во законската регулатива. Мора да профункционираат вистински Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, за да обезбедат рационализација на високообразовните установи.
Како што информира Министерството за образование и наука, ова го истакнала министерката Весна Јаневска на презентација и дебата за нацрт-верзиите на националните програми за високото образование и научно-истражувачката дејност, изработени од Националниот совет за високо образовани и научно-истражувачка дејност.
-Главни актери во целокупните промени мора да бидат студентите и оттука, драго ми е што предлог-програмата за високо образование се осврнува на начинот на нивното организирање, студентскиот стандард, како и студентската мобилност, изјавла министерката.
Во поглед на науката и научно-истражувачката дејност, Јаневска истакнала дека досега државата не одвојувала доволно средства за наука.
- Само 0,3 проценти од БДП досега беа наменети за научно-истражувачка инфраструктура, за научно-истражувачки кадри и проекти. Тоа мора да го промениме и ќе кажам дека оваа Влада планира зголемување на буџетот за наука постепено до 1 процент од БДП, потенцирала Јаневска.
Посочила дека дека сите чинители мора да се потрудат за поголемо поврзување на науката и бизнис-заедницата, „бидејќи само така може да се забрза технолошкиот развој и да се креираат иновации“.
-Изразувајќи благодарност до сите членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност и сите останати соработници за вложениот труд во изработката на овие два стратешки документи, Јаневска истакна дека тие се своевиден патоказ за креирањето на идните политики за осовременување на високото образование и научно-истражувачката дејност во земјава, информира МОН.
На презентацијата на предлог-програмите, присуствувале и претседателката на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Миле Маркоски, членовите на Националниот совет, како и професори, асистенти и студенти