Поранешниот српски фудбалски репрезентативец Саво Милошевиќ (51) е назначен денеска за нов тренер на белградски Партизан.
Милошевиќ на клупата седнува на местото на Александар Станојевиќ, кој го напушти клубот по серијата од четири натпревари без победа во српската Суперлига и поразот од Црвена Звезда на домашен терен со 0:4.
Милошевиќ играше за Партизан од 1992 до 1995 година, а во клубот се врати како тренер на крајот на март 2019 година и остана на функцијата до септември 2020 година.
Со црно-белите триумфираше во српскиот Куп во 2019 година, кој е последен трофеј што го освои Партизан.