Со изборот и прогласувањето на жетварската убавица за 2024 година, синоќа беа отворени 33. „Денови на кочанскиот ориз“. Марија Стаменкова од Кочани ги освои гласовите на жирито на изборот што синоќа, пред многубројната публика, се одржа во Паркот на револуцијата во Кочани.

Прва придружничка на жетварската убавица е Мартина Костадинова, а втора – Ивона Ефтимова. Признанијата на девојките им ги додели градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, а тие ќе учествуваат во претставувањето на обичајот зажнејување на ориз.

Отворањето на 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ продолжи со настапот на гитаристот Ненад Вржалски, а публиката уживаше на концертот на македонската поп-дива Каролина Гочева и во настапот на диџеј Ацко.

Претходно, на Споменикот на слободата, градоначалникот Папазов приреди прием за делегациите од Унгарија, Бугарија, Србија, Црна Гора и од домашните фолкорни ансамбли кои учествуваат на манифестацијатa

Во рамки на програмските содржини, за вечер е најавен голем меѓународен фолклорен концерт и поп-рок настап на Malinov Special Selection. За утре во 10:30 часот е планирано традиционалното заажнејување што ќе се одржи на земјоделските површини во атарот на селото Оризари. Потоа ќе следува културно-забавна програма во која ќе учествуваат ансамблот за изворна музика „Мелем“, оркестарот за народни инструменти при музичкото училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани и фолк-пејачот Дамјан Стојаноски.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2024 04:26