Зачудувачки е што една третина од храната произведена на глобално ниво се губи или завршува како отпад, факт што има негативни влијанија не само врз безбедноста на храната, туку и врз нашите економии и општества, порача еврокомесарката за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес по повод Меѓународен ден на свесноста за губење и фрлање храна - 29 септември.

- Само во Европа годишно се фрлаат 59 милиони тони храна, во вредност од милијарди евра. Во меѓувреме, милиони Европејци не можат да си дозволат здрав оброк секој ден. Ова е неприфатливо губење ресурси, од вода и земја, па до енергија и работна сила, истакнува Киријакидес.

Таа посочува дека фрлањето на храна е исто така опасност и за животната средина, имајќи предвид дека секој тон отпад од прехранбени продукти придонесува за зголемување на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, за забрзување на климатските промени и за исцрпување на природните ресурси на Планетата.

- Затоа, наш морален и еколошки императив е да дејствуваме. Во Европската Унија сме посветени на преполовување на отпадот од храна по глава на жител во малопродажбата и потрошувачката до 2030 година, во согласност со нашето ветување во рамките на Целта за одржлив развој на Обединетите нации 12.3, која повикува на одговорна потрошувачка и производство ширум светот. За да го забрзаме нашиот напредок, поставивме збир на законски обврзувачки цели за намалување на отпадот низ синџирот на исхрана, од производството, па до домаќинствата. Тоа го очекуваат нашите граѓани од нас, додава Киријакидес во пораката.

Таа потенцира дека за постигнување на оваа цел е потребен колективен напор на сите сектори на општеството - владите, бизнисите и секој поединец, бидејќи борбата против фрлањето храна во голема мера зависи од нашите секојдневни избори и постапки.

- Време е да го промениме начинот на кој купуваме и јадеме храна, да го преиспитаме нашиот систем на исхрана и да ги поттикнеме одржливите потрошувачки навики. Позитивните ефекти од ова ќе ги видиме и во нашите паричници со помалку пари потрошени на храна. Оваа недела што доаѓа, го повикувам секој европски граѓанин да размисли што можеме да направиме за да и помогнеме на Планетата, економијата и општеството. Храната значи живот. Премногу е скапоцена за да заврши во канта. Ајде да дејствуваме заедно сега, со цел оваа визија да ја направиме реалност и сите да бидеме дел од решението, додава Киријакидес во пораката повод Меѓународен ден на свесноста за губење и фрлање храна.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/09/2024 16:11