Штип доби три современи еко соларни смарт автобуски постојки. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски на денешната прес-конференција изјави дека успешно е реализиран проект во соработка со УСАИД и здружението ЛАГ „Плачковица“, преку кој се овозможи поставување на еко-соларни смарт постојки на неколку локации во нашиот град.
-Овие постојки ќе се напојуваат со помош на вградени фотоволтаични панели и ќе бидат во функција на граѓаните кои го користат јавниот превоз, пред се како засолниште од временските неприлики, а покрај тоа ќе содржат информации за возните редови, усб полначи за смарт уреди, како и компресор за воздух за велосипеди, изјави Стефановски.
Постојките се со современ дизајн и на атрактивни позиции и ќе бидат одлична можност да се закупат како рекламна површина за брендирање, за компании кои сакаат да ги рекламираат своите производи. Проектот е вреден околу 1,5 милиони денари.